Вардар во полуфиналето на фудбалскиот Куп на Македонија

По цела вечност Вардар врза две победи и по таа од 2:0 во Струга во Првата македонска фудбалска лига во саботата денеска дома го совлада Силекс со 1:0 и се пласира во полуфиналето на Купот на Македонија.

Стрелец на единствениот гол на Националната арена „Тодор Проески“ беше Камерунецот Данел Донгмо во 68. минута.

Меѓу четирите најдобри екипи во ова натпреварување се најдоа и Шкендија, Струга и Брера.

Тетовските „црвено-црни“ славеа со 1:0 над второлигашот Детонит Плачковица во Радовиш со голот на косовскиот интернационалец Аденис Шалја во 22. минута.

Струга на свој терен беше подобра исто така со 1:0 против Гостивар, а стрелец беше Нигериецот Ланре Кехинде во 48. минута.

Брера го доби пенал-рулетот со второлигашот Арсими со 4:3 во Струмица, откако мечот по 90 минути заврши 1:1. Габонецот Фахд Нѕенге го доведе во водство домаќинот во 16. минута, а израмни Албан Таипи во 78. минута.