Вардарци во Скопје ги пречека народ и државен орден

Десетици илјади граѓани денеска ги дочекаа ракометарите на Вардар по нивното враќање од Германија. Целата траса од аеродромот Александар Велики до градскиот плоштад „Македонија“ во Скопје беше покриена со луѓе кои што сакаат да ги поздрават спортските херои.

 

 

По слетувањето Вардарци дознаа за уште еден израз на благодарност од Македонија.

За освојување на ракометната лига на шампионите, претседателот Ѓорге Иванов ги одликува членовите на ракометниот клуб Вардар со „Медал за заслуги за Македонија“, а на ракометниот клуб Вардар му го додели признанието „Повелба на Република Македонија“.

„Членовите на РК Вардар се одликуваат со „Медал за заслуги за Македонија“ за постигнатите врвни резултати во ракометот на домашен и на меѓународен план, а особено за спортскиот подвиг, освојувањето на титулата европски клупски шампион што е од исклучително значење за Република Македонија и за нејзина афирмација во светот“, пишува во соопштението од Кабинетот на Претседателот.

Признанието „Повелба на Република Македонија“ на РК Вардар се доделува за постигнатите исклучителни резултати во ракометот на домашен и на меѓународен план, а особено, освојувањето на титулата европски клупски шампион со што се дава значаен придонес за развој и за популаризација на овој спорт во земјата и за афирмација на Република Македонија во светот.

По освојување на женската ракометна европска лига во 2002 година од страна на РК Ѓорче Петров РК Вардар е единствената македонски екипа што дошла на европскиот трон во еден од таканаречените „Големи спортови“.