Капитални инвестиции проектирани на високо ниво, мало намалување на буџетскиот дефицит и зголемени буџетски приходи. Ова се само дел од бројките од новиот буџет, кои денеска ги откри премиерот, на само неколку часа од владината седница, на која ќе почне да се крои новата државна каса за 2025 година.
Сепак, голем дел од експертите изразија загриженост од висината на јавниот долг, кој е преку 60 прценти од БДП, и кој поради планираните задолжувања и следната година ќе има тенденција на зголемување.
Владата планира следната година да потроши нешто над 800 милиони евра во клучни проекти, од кои полоивна милијарда ќе бидат пари од сопствен буџет, а 300 милиони ќе се земат на заем. Премиерот очекува буџетската дупка да се намали од сегашните 720, на 670 милиони евра, најмногу поради зголемените приходи и изрази задоволство од економските индикатори на земјава за последните неколку месеци.
Во меѓу време, Владата на последната седница го усвои Предлог-буџетот за 2025 година, со кој, како што информира министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, се поставуваат темелите за стабилизација на јавните финансии и економски раст. Вкупните приходи во Буџетот за 2025 се планирани на 358 милијарди денари, што е за 13 проценти повеќе од буџетот за 2024 година, додека вкупните расходи се проектирани на ниво на 400 милијарди денари, што е раст од 10 проценти во однос на буџетот за 2024 година.
Економскиот раст е планиран на ниво од 3,7 проценти, буџетскиот дефицит на четири проценти, инфлацијата 2,2 процента. Буџетот за 2025 година содржи мерки за фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст.
- Креиравме Буџет што треба да носи вистински развој на државата. Капиталните расходи се на ниво од 50,65 милијарди денари, што е раст од 13 проценти или шест милијарди денари во однос на ребалансот на буџетот. На тоа го темелиме развојот, а тоа се одгледува и на фактот што износот на капиталните расходи се повисоки од номиналниот износ на дефицитот, изјави Димитриеска- Кочоска.
Состојбата, посочи Димитриеска- Кочоска, се уште наметнува да штедиме, но внимателно ќе постапуваме за да им овозможиме на институциите редовно извршување на своите надлежности и да испорачаат квалитетни услуги кон граѓаниет и бизнисот.