Нестабилен југоисточен европски регион претставува ризик и нема да може да издржи нов мигрантски бран.
Унгарија бара Европската унија да ја забрза интеграцијата на Западен Балкан, а НАТО да ги приклучи тие земји, изјави министерот за надворешни работи, Петер Сијарто.
Забрзувањето на процесот на пристапување е гаранција за безбедноста, рече Сијарто на прес-конференција на која присуствуваа и десетина претставници од земјите од Централна Европа и Западен Балкан, потенцирајќи дека нестабилноста и затегнатоста на Западен Балкан е сериозен ризик за цела Европа.
Тој рече дека ЕУ треба да започне разговори за пристап на Албанија и Македонија – не подоцна од првиот квартал од 2018 година, пренесува Ројтерс.
ЕУ, исто така, треба да им понуди на Босна и на Косово “реални и остварливи цели и распореди за интеграција”, а на декемврискиот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, воената организација треба да донесе одлука за започнување на разговорите за членство на Македонија и за активирање на акционен план за членство во Босна.
Доколку дојде до нов миграциски бран, само стабилен и силен Западен Балкан може да го спречи тоа, рече Сијарто, кој оцени дека во моментов, ЕУ нема стратегија за Западен Балкан.
Другите министри за надворешни работи го повторија тоа чувство.
„Нашата земја е географски опкружена од земји-членки на ЕУ, но ние сме на периферијата на политичкото внимание на ЕУ”, рече македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.