Бугарски пратеници ветуваат „полесни“ пасоши за Македонците

Претседателот во оставка на Здружение за македонско-бугарско пријателство, Петар Колев, преку својот профил на „Фејсбук“ соопшти дека добил уверување од пратеници, кои се дел од владејачкото мнозинство во бугарскиот Парламент, дека компликациите за добивање бугарско државјанство за кандидатите од Македонија веќе се решени, пишува „Поглед.мк“, кој ја пренесува во целост информацијата објавена од Колев.

„Почитувани пријатели, ми претставува задоволство да го споделам следново со вас. Имено, денеска во Софија имав серија средби во Собранието на Република Бугарија со наши пријатели пратеници од владеачкото мнозинство. Како претседател во оставка на Здружение за македонско-бугарско пријателство и член на ИК на ГДУ разговаравме за приоритетите на бугарското претседателство со ЕУ, веќе ратифицираниот договор за добрососедство, поддршката за членство на Македонија во НАТО и ЕУ, како и компликациите околу процедурата за добивање на државјанство на кандидати од Република. Македонија. Ја изразив нашата благодарност за поткрепата која ја добива Република Македонија за својата интеграција во ЕУ и НАТО.

Недвосмислен е впечатокот дека договорот за добрососедстсво отвара нови перспективи во односите меѓу Скопје и Софија, кое резултира со безрезервна поддршка за наше членство во НАТО и ЕУ. Исто така, добив уверување дека компликациите и забавувањето во постапката за бугарско државјанство за кандидати од Македонија се веќе решени и граѓаните на Македонија кои одговараат на законските барања можат да бидат спокојни. Ја изразив својата благодарност за нивниот ангажман за надминување на овој момент и изразив оптимизам и верување од тоа што процесот е регулиран“, вели Колев во информацијата.