Бугарски вицепремиер до Грција: Не сте во право, Македонија е наша

Министерот за одбрана на Грција и вицепремиер Красимир Каракачанов им се обрати на демонстрантите што протестираа вчера во Солун.

„Вие Грци, кои денеска протестирате во Солун, не сте во право што барате да го нема зборот Македонија во името на младата држава“, се вели во соопштението од бугарската ВМРО-БНД на Каракачанов испратено денеска до бугарските медиуми.

Во него конзервативната партија на контроверзниот лидер и познат негатор на македонизмот порачува дека една работа е што Грција бара компромис, но друго е што сака монопол врз името.

„Ние, Бугарите, природно стоиме зад нашите браќа во Македонија во спорот за името. И ние сакаме да го решиме овој спор. Но, не вака“, пишува во реакцијата на ВМРО-БНД.

Партијата на Каракачанов не испушта да спомене дека и тие имаат право на Македонија и на териториите, но не го правеле тоа, ами го барале вистинскиот, „културен пристап со браќата во Македонија“.

„Денес Грција сака дефинитивно да го асимилира името Македонија. И тоа не може да се толерира. Ние во ВМРО-БНД сме категорични за ова! Сега е време да ги потсетиме: пријатели Грци, на нашиот грб има три лава – Мизија, Тракија и Македонија. Се сеќаваме на нашата историја. И по повод грчките тврдења, се присетуваме и на едноставниот одговор на Вазов: ‘Македонија е наша!’“, пишува во соопштението од ВМРО-БНД.