Еден од најдобрите бугарски познавачи на политичките односи на Балканот новинарот, публицистот и издавач Иван Николов еден ден пред Србија да го повлече својот дипломатски тим од Скопје предвиде дека треба да се очекуваат инциденти во соседството затоа што во Атина и во Белград приближувањето на Скопје и Софија се доживува како смртна закана.

Главниот уредник на списанието „Бугарија – Македонија“ смета дека на Грција не и одговара Македонија идејно, политички, економски, енергетски и инфраструктурно  да биде поврзана со Бугарија.

Тој смета дека Македонија има поголем интерес од договорот и дека со оставањето на Грција да биде последниот непријател на Скопје властите во Атина се во незгодна ситуација.

Николов смета дека Македонија треба да бара поддршка и од Белград и од Софија но прашање е дали Србија има интерес да ја заштити македонската државност или заедно со Грција ќе работи против новата држава.

Во таков случај единствена потпора на Македонија ќе и остане Бугарија, не затоа што тоа владата во Скопје го сака туку затоа што нема да има друга алтернатива. Покрај емоциите и личните желби Николов вели дека на договорот влијаеле и две други претпоставки, психополитичка и геостратешка.

Според него со првата претпоставка е митот за лажната македонска историја за Илинден од 1944 која што е причина за проблемите меѓу двете земји.

Втората претпоставка низ која треба да се гледа договорот, според бугарскиот аналитичар е стратегијата на Атина и Белград за заедничка граница меѓу двете држави. Грција од распадот на Југославија инсистира Македонија да не стане член на НАТО и ЕУ пред Србија и работи Скопје да биде поврзано на сите начини само со Белград.

Николов вели дека тредба да се биде внимателен и за третата претпоставка а тоа се амбициите на Русија да не дозволи Македонија да влезе во НАТО. Русија  во исто време е многу блиска на позициите на Грција и Србија и работи на својата теза за единство на Славјанско – Православните народи.

Не треба да се потценуваат напорите на Русија да го урне договорот Македонија – Бугарија затоа што тој е спротивен на планот на Москва, вели бугарскиот аналитичар според кого договорот може да опстане само ако се надминат трите претпоставки со што Македонија преку Софија ќе се поврзе со Брисел.