Амбасадорот на Бугарија во Македонија, Желјаско Радуков, изрази жалење што и годинава, на 122-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев, не го одбележале тој датум со „браќата“.
„Денес најјасно сфаќаме колку е жално што уште една година не можеме да го прославиме овој датум рамо до рамо со нашите браќа. Колку е тажно што името на Гоце Делчев е сè повеќе поле за политичка злоупотреба и негирање, а тоа не е име на поделба, туку мост помеѓу минатото и иднината, помеѓу Бугарија и Северна Македонија“, рече Радуков по положувањето цвеќе на гробот на револуционерот во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
„Во сеќавањата на неговите современици, Гоце Делчев е опишан како човек со поглед кон иднината. Тој зборува за образование, културен натпревар, еднакви права. Тука мора да сфатиме дека сме должни да го зачуваме споменот на овој прекрасен човек и да се залагаме за она за што се борел – со почит кон своите соговорници, но со апсолутна бескомпромисност кон вистината“, нагласи тој.