Андреј Ковачев, европратеник од ГЕРБ на мандатарот за состав на новата бугарска влада и експремиер Бојко Борисов, не може да им се изначуди на властите во Скопје, кои, според него, се обидуваат да ја претстават Бугарија како земја која не го признава нивниот идентитет и нивниот јазик.
„Работите како што се претставени од нивна гледна точка воопшто не соодветствуваат со реалноста. Бугарија отсекогаш имала најдобри намери кон РСМ. Па, ние први признавме“, изјави Ковачев за Бугарското национално радио (БНР).
Како кандидат за членство во Европската унија, тој очекува Македонија да ја почитува преговарачката рамка усвоена и од парламентот во Скопје.
„РСМ не може да ја промени со дипломатски походи во Париз, Берлин или Вашингтон“, категоричен е тој. „Исполнувањето на двата договора – и од Преспа, и потпишаниот од Зоран Заев и од Бојко Борисов во 2017 година, заедно со двата протокола кон нив, се дел од преговарачката рамка според која Европската комисија е обврзана да го оцени напредокот на РСМ по патот кон европската интеграција“.