„Не сме во таква позиција за да поттикнуваме лажни очекувања. Можеме да работиме многу напорно со земјите од Западен Балкан за европската перспектива, но не може да правиме чуда, да одлучуваме за членство или за отворање и затворање на поглавјата во разговорите со ЕУ“, изјави бугарската државна министерка одговорна за европското претседателство на Бугарија со ЕУ, Лилјана Павлова.

Шесте земји од Западен Балкан (Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово) на самитот во Софија на 17 мај ќе добијат поединечен план за акција што ќе го одразува напредокот на секоја земја и задачите што треба да ги исполни на патот кон интеграција во ЕУ.


Но, целта на Бугарија за време на нејзиното претседателство да ги придвижи земјите од Западен Балкан на патот кон интеграцијата не се совпаѓа со целта на другите земји – членки на ЕУ.

Проблемот лежи во фактот дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ не е поддржана од други европски земји. Холандија, на пример, е една од земјите што јасно ја стави до знаење нејзината позиција.

Јавното мислење во Холандија е скептично за проширувањето на ЕУ. Десничарската партија на премиерот Марк Руте јасно стави до знаење дека тие не поддржуваат брзо проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

Холандската влада дури и гласаше против пристапувањето на Бугарија во Шенген зоната.

„Се уште сме многу загрижени за граничната контрола и корупцијата во Бугарија“, рече холандскиот премиер во септември по гласањето против Бугарија.

Исто така, спротивно на плановите на бугарската влада, за време на самитот, се очекува дека политичките лидери на Франција и Германија – со поддршка Брисел – ќе бидат повеќе фокусирани на претставување на правна рамка за зајакнување на Унијата од 19 членки во еврозоната и кон создавање на Европски монетарен фонд.