Бугарија нема интерес за воен сојуз со Косово, Албанија и Хрватска

Неточни се информациите за неофицијален интерес од Бугарија за приклучување кон декларацијата на Албанија, Хрватска и Косово,  изјави министерот за надворешни работи Георг Георгиев, пренесе БГНЕС.

Одговорот на шефот на бугарската дипломатија беше на поставено пратеничко прашање за ставот на Софија за трилатералниот одбранбен меморандум што неодамна го потпишаа Тирана, Загреб и Приштина.

Министерот Георгиев истакна дека Бугарија е запознаена со иницијативата и „внимателно го анализира текстот на Заедничката декларација на министрите за одбрана на трите земји, потпишана во Тирана на 18 март 2025 година“.

„Министерството за надворешни работи официјално прими копија од потпишаниот документ преку вербална нота од Амбасадата на Република Албанија во Софија на 25 март 2025 година.

Во ниту еден момент министерството, ниту бугарската страна, не биле испитувани или консултирани за иницијативата од страна на иницијаторите, ниту пак била нагласена официјална покана за наше вклучување во неа“ рече министерот.

Тој посочи дека Бугарија одржува одлични билатерални односи со секоја од трите земји, при што две од нив се сојузници на НАТО, а Бугарија има воен контингент стациониран во Република Косово, дел од мировните сили на НАТО – КФОР, чија основна задача е да гарантира мир и стабилност.

 

Бугарија влегува во воениот сојуз со Албанија, Косово и Хрватска!?