На вчерашната дебата со уредници на неколку медиуми на МТВ премиерот Заев призна дека како човек има желба да „соблече барем една фасада“ но нема да троши пари на уривање споменици.
– Тоа се само желби на човек, но немам намера да трошам пари за уривање и за дислоцирање на споменици, за отстранување на врбите. Го ветив бројчаникот кој ќе врти при секоја украдена пара и тој ќе биде поставен кога ќе ја има првата правосилна пресуда дека се потрошени пари на криминален начин пари – рече Заев.
На прашањето, која ќе биде судбината на скапиот „мерцедес“, Заев рече дека нема намера тој да се вози во него, ниту пак, кој и да е министер. Тој се надева дека министерот за внатрешни работи ќе ги повика новинарите и ќе им покаже во каква состојба се наоѓа ова возило.
За првите 10 дена најавува слобода и намалување на трошоците за домашниот буџет преку усвојување на нови 30 закони. Нема забелешки за добрите капитални инвестиции на старата влада како двата автопати кои што ќе продолжат да се градат.