Бугарскиот патријарх Неофит изјави дека, доколку има покана, БПЦ ќе испрати своја делегација на прославата на 1.000 годишнината од создавањето на Охридската архиепископијана 28 мај во Охрид.

На прашање на агенцијата БГНЕС како ќе се слави овој датум во Бугарија, патријархот Неофит изјави: „Ќе се разговара како што е вообичаено, па ќе го прославиме. Засега нема програма“.

На специјалната седница на 13-ти март Светиот Синод на Македонската Православна Црква  МПЦ-Охридска архиепископија одлучи одбележувањето на 1000-годишнината од Охридската архиепископија да се одржи во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид на 28 мај.

Бугарската агенција пишува дека Охридската архиепископија била создадена од императорот Василиј Втори во 1018 година по падот на Првото бугарско царство под византиска власт.

Официјалните титули на охридските архиепископи се: првично Архиепископ на цела Бугарија, а од средината на 12 век се користи и Архиепископ на Јустинијана Прима и на цела Бугарија или на сите Бугари.

Катедрален храм на Охридската патријаршија е базиликата „Света Софија“ во Охрид, која била изградена од кнез Борис I во 863 година на стар христијански храм од доцната римска епоха.

Во 1767 година, на инсистирање на Вселенскиот грчки патријарх, Охридската архиепископија била неканонично затворена, а нејзината епархија присоединета кон Вселенската патријаршија.

Последниот Архиепископ Охридски бил Арсениј II од Охрид.