Боцевски: Ахмети гради федералистичка парадржава на етнички кантони, која ќе ја урне унитарна РМ и ќе ја подели!

„Ахмети го гради својот политички лик како ‘победник над Македонците во војната од 2001 година’ и како ‘татко на албанската нација во Македонија’. Постојат мислења дека тој го обесмислува целосно постоењето на македонската држава, следејќи ја логиката: ‘колку е послаба Македонија, толку е поизвесна голема етничка Албанија’. Тој точно определил дека претседателството е последниот бедем на унитарноста на Македонија и оти федералистичката парадржава на ДУИ нема увид и контрола во вилата ‘Водно’.“ – нагласува Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „Кандидатурата на Бујар Османи – врв на федералистичкиот проект на ДУИ“, која ја објави весникот „Скопско ехо“.

Боцевски пишува: Што значеше иконографијата на ДУИ на промоцијата на кандидатурата на Бујар Османи за претседател на републиката? Охридскиот рамковен договор, со кој ѝ се стави крај на војната, можеше да се толкува и граѓански и федералистички. Граѓанското толкување тврди дека сите сме различни и си ги почитуваме и негуваме културните различности, но директно општиме со државата како нејзини државјани. Федералистичкото толкување тврди дека етникумот, претставен од „етничкиот победник”, ги застапува граѓаните од сопствениот етнос пред институциите на државата.

Стравот е дека федералистичкото толкување на Охридскиот рамковен договор води кон претворање на Македонија од „нетериторијална федерација на етнички заедници” во „територијализирана федерација на етнички кантони”. Али Ахмети и ДУИ се застапници на ова федералистичко толкување и легитимни се стравовите на Македонците и на другите заедници од отцепување, сецесија.

Целокупната политичка активност на ДУИ и на Али Ахмети води кон целосно отстранување на идејата за дефинирање на Република Македонија како граѓанска држава. Ахмети го гради својот политички лик како етнарх, „победник на Македонците во војната од 2001 година” и „татко на албанската нација во Македонија”. Ваквата политичка активност ги загрозува мирот, стабилноста и меѓуетничките односи во земјата.

Постојат дури и мислења дека Али Ахмети ги користи немоќта на СДСМ и целосното отсуство на стратегиска промисла на актуелното раководство на таа партија, за да го обесмисли целосно постоењето на македонската држава, следејќи ја логиката дека „колку Македонија е послаба, толку голема етничка Албанија е поизвесна”. Тој не прави ништо за да им излезе во пресрет на овие легитимни стравови на Македонците, кои се мнозински народ во Македонија и кои немаат ниту една друга матична држава.

Зошто воопшто се кандидира Бујар Османи? Не ги видовме националните симболи на неговиот собир, а не се изусти ниту еден збор на службениот македонски јазик. Второто прашање се наметнува од најавата на ДУИ дека ќе бара избор на претседател и потпретседател во Собранието. Али Ахмети точно определил дека претседателството е последниот бедем на унитарноста на Македонија и оти федералистичката парадржава на ДУИ нема увид и контрола во вилата „Водно”.

Престојните избори се и борба помеѓу граѓанското и федералистичкото толкување на Охридскиот рамковен договор. Дали ДУИ ќе ја заокружи својата федералистичка парадржава со заробување и претседателството или клатното ќе се придвижи конечно кон граѓанска Македонија? Одговорот ќе го дадат избирачите на 8 мај!