Македонската црковно-училишна општина во Неврокоп упатила писмо до великиот везир во Цариград на 11 јуни 1869 година, во кое барала решавање на црковното прашање преку поставување владика од словенско потекло, не прифаќајќи грчки владика. Чувствувајќи опасност, Цариградската патријаршија го заострувала курсот на својата сегрчка политика и ги активирала своите органи на теренот против воведувањето црковнословенски јазик и македонско-словенски владици во црквите и во училиштата. Започнало гонењето на се што е македонско и словенско од страна на грчките владици. Тогаш биле уништени голем број македонски и словенски ракописи и богослужбени книги.
Македонскиот народ решително се кренал на борба против погрчувањето, против грчката црковна антимакедонска пропаганда, а особено против Цариградската патријаршија. Таа борба на македонскиот народ започнала во средината на 19 век и била водена од страна на населението во Македонија со цел да се отстрани црковната власт на Цариградската патријаршија, која го носела со себе погрчувањето. Во текот на овие борби едно од главните барања било да се обнови некогашната Охридска архиепископија, а македонските епархии да потпаднат под нејзина јурисдикција. Оваа борба во себе носела и национален карактер, бидејќи македонското граѓанство се стремело кон македонски општини, наставата да се изведува на македонски народен јазик, а во црквите да се отстрани грчкиот јазик и да се замени со црковно-словенски.
Со развојот на економската сила на градското население бројот на барањата се зголемиле. Во својата студија со наслов „За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО“, објавена во 1980 година, Славко Димевски нагласува: „Наместо грчките владици да се заменат со словенски владици, сега се барало да се поставуваат владици од домашно, македонско потекло.“ Било барано да се воведе македонскиот јазик наместо во училиштата, а црковно-словенскиот во богослужбата. Бидејќи овие барања не биле исполнети, македонските општини истапиле со порадикални барања, се побарало обнова на Охридската архиепископија.
Во Охрид каде што традицијата за самостојна автохтона црква била особена жива, започнале силна борба и агитација за обнова на Охридската архиепископија. Во оваа борба посебно се истакнале Димитар Миладинов и Григор Прличев. Славко Димевски истакнува: „… во врска со борбата на македонскиот народ за еманципација од Цариградската патријаршија и грцизмот … ќе се забележи дека молбите и жалбите на македонскиот народ, што биле упатувани против овој или оној владика по име, биле легално средство да се постигне повисока цел: преку сменување на грчките владици со домашни, македонски да се создадат објективни услови за полна еманципација од Патријаршијата и создавање сопствена црква. Владиците-Македонци би го обединиле македонскиот народ на ниво на епархии, би го претставувале пред турските власти и би имале можност во поволен момент да се отцепат од Цариградската Патријаршија и да ја обноват Охридската архиепископија.“
Борбата за обнова на Охридската архиепископија особено била силна во Охрид и Охридско, бидејќи таму биле силни сеќавањата за една автохтона црква. На чело на овие борби во Охрид застанал учителот Јанаки Стрезов и струшкиот учител Димитар Миладинов. Иако иако бил учител во Струга. Миладинов сепак успеал да ја добие наклонетоста на охридските еснафи. Но набргу во 1861 година Миладинов бил наклеветен дека е агент на Русија и оти го повикувал населението на бунт против турската власт, поради што бил затворен во Цариград. По неговото затворање Македонците, кои живееле во Цариград, се обиделе да влезат во зградата на Цариградската Патријаршија, но биле разбиени. Дел од нив избегале, а дел биле фатени и протерани на Света Гора, посебно оние кои биле родум од Охрид.
Во јануари 1862 година Димитар и неговиот брат Константин Миладинов, кој дошол да го ослободи, а потоа и тој затворен, умреле во затворот во Цариград. Истовремено борби против Цариградската Патријаршија започнале во Штип, Велес и Скопје. Штипјани престанале да го спомнуваат името на својот митрополит во црквите, а се обиделе да ги убедат и кратовчани да го направат истото. Велешани на својот митрополит му забраниле да го користи грчкиот јазик во богослужбата. Скопските граѓани имале слични барања со дополнување да се прекинат врските со Цариградската Патријаршија. До Портата кај султанот биле испраќани барања во кој било истакнато дека: „… како словенски народ треба да има своја црква, која во 1767 година ја укинал султанот Мустафа III, со што Високата порта ќе исправи една неправда.“
Еден дел од јужните македонски општини, меѓу кои и Кукуш, сметале дека таквите барања нема да бидат уважени од страна на Портата и затоа тие се свртеле кон Римокатоличката црква. Дел од населението во Македонија прибегнало кон унијата, за да се зачува од погрчувањето, кое го носела Цариградската Патријаршија. Македонското население сакало преку унијата да ја обнови Охридската архиепископија, но кога Римокатоличката црква не го исполнила овој услов, населението почнало да се откажува од унијата и папата.
По смртта на браќата Миладиновици на чело на антигрчкото движење во Охрид застанал Григор Прличев. Тој држел говори пред охриѓани, во кој ги нападнал грчките митрополити. Тој напишал една песна за Охридската архиепископија, а успеал да ги убеди и тамошните еснафи да се содаде посебна каса која требало да ја финансира антифанариотската борба. Во 1867 година Охрид и охридско ги прекинале врските со Патријаршијата, а во 1869 година се формирала црковно-училишна општина за раководење на црквите и училиштата во Охрид и пошироко. Во почетокот оваа општина самата себеси се нарекувала како Охридска архиепископија. Во тој период од Цариградската Патријаршија се откажале и Скопје, Прилеп, Битола и Крушево.
Извор: „Борба на македонскиот народ против Цариградската патријаршија“ – Википедија