Само два пати во последните шест месеци се случило тендер за снабдување со струја на државни институции или јавни установи да добие компанија што ќе понуди провизија пониска од 4%. И во двата случаи понудувач била истата компанија – РЕС. Најниската провизија на тендер за снабдување со струја ја доби Министерството за финансии, пред десетина дена, и таа изнесува само 3,8%, пренесе Фактор. За тоа колкави можат да бидат провизиите само за споредба ќе потсетиме дека неодамна имаше тендер на кој државната компанија ЕСМ Продажба (фирма – ќерка на ЕСМ) доби тендер да продава струја на универзитетската Клиника за хематологија со провизија од 20%.
Министерството за финансии ќе плаќа најниска цена за електрична енергија во споредба со сите други државни институции – буџетски корисници. Тендерот за снабдување со струја на Министерството за финансии го доби „Рењувабал Енерџи Саплај“ (РЕС) кој даде понуда што никој не може да ја одбие.
Всушност станува збор за најниска провизија што била понудена на тендерите за набавка на електрична енергија од мај наваму. РЕС во конкуренција на уште две други компании дал најниска понуда за провизија и го добил тендерот за снабдување со електрична енергија на Министерството за финансии. Провизијата што ќе ја наплати РЕС од Министерството за финансии изнесува само 3,8 отсто од цената на струјата која се пресметува според референтната берза ХУПЕКС од Унгарија.
На овој тендер е постигната најниската провизија за набавка на електрична енергија во последниве шест месеци. Претходно како што веќе сме објавиле најниска провизија за снабдување со струја добило Министерството за одбрана. Тогаш провизијата беше 3,9 отсто, а повторно снабдувач беше истата компанија – РЕС.
Што се однесува до тендерот за набавка на електрична енергија за Министерството за финансии вреди да се каже дека неговата вредност со вклучен ДДВ изнесува 384.000 евра. Договорот склучен во втората половина на ноември важи една година.
Сите детали се достапни на следниот линк https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie-acpp/9f7a4675-2698-4596-a307-d647483c6987
РЕС е голема компанија за снабдување со електрична енергија која своето портфолио го втемелува на домашно производство на електрична енергија од обновливи извори (претежно комбинира соларна со хидро енергија). РЕС беше основана од македонскиот бизнисмен Кочо Анѓушев, признат во областа на енергетиката кој во владата за Зоран Заев беше вицепремиер за економски прашања.
Неодамна Кочо Анѓушев истапи од сопственичката структура и компанијата РЕС сега е во целосна сопственост на неговите партнери од Бугарија односно акционерското друштво „Кер токи пауер„ со седиште во Софија.