Божидар Димитров: Мисијата „Македонија“ е речиси завршена

Директорот на Националниот историски музеј во Софија, Божидар Димитров, во своето најново интервју за бугарски медиум уште еднаш го сподели своето задоволство што доживеал да го види „крајот на македонизмот“.

„Мисијата ‘Македонија’ е речиси завршена – тоа за што сонував. Еден социолог пред извесно време на шега рече дека претворањето на Македонија во втора бугарска држава било еден од влажните соништа на Божидар Димитров. Моите влажни соништа се влажни, но поврзани со жени. Вистината е, сепак, дека силно посакував тоа да се случи. Искрено кажано, мислев дека ќе се случи, но по извесно време, кога нема да бидам жив. А тоа се случи во мое време. Го чув тоа за кое мечтаев – македонски политичар на власт да каже дека Македонците и Бугарите се еден народ. И згора на се, тоа е запишано во официјален договор. Уште една исполнета мисија“, изјави најпознатиот антимакедонист во Бугарија, кој на 1 ноември заминува во пензија.


Прашан дали дојде крајот на македонизмот, тој одговара: „Да, како што реков, тоа дури е запишано и во договор! И е неповратно, така мислам. Дали ќе се случи брзо или бавно – не знам, но ќе се случи!“.

Димитров предупредува дека не треба да се застане тука.

„Не, не можеме да бидеме спокојни, треба да се работи непрекинато. Има и други што работат во друга насока – Србија, Грција. Не можеме да ги скрстиме рацете. Ја продолжуваме битката. Тоа е животот, вечна борба!“, заклучува тој.