Контроверзниот бугарски историчар Божидар Димитров го оправда денешниот протест во Солун против зборот Македонија да биде содржан во името на северниот сосед на Грција, бидејќи тој збор е дел од грчкото историско наследство, смета тој, а, според него, и Александар и Филип Македонски биле Грци!
„Демонстрантите се спротивставуваат на договор што го вклучува зборот Македонија, Северна, Јужна, Долна, Горна, Средна и така натаму. Грците сметаат, и со право, дека зборот Македонија е дел од грчкото историско наследство и тоа е навистина така“, изјави Димитров за бугарската информативна агенција „Блиц“.
„Македонија е името на една античка грчка држава, која постигнува определен грчки политички резултат, за кој се бореа многу генерации грчки политички мислители. А тоа е обединување на речиси 1.500 грчки државички во една заедничка. Тоа го направија Александар и Филип Македонски, кои се Грци, нивните сфаќања се такви. Голема глупост е што некои се обидуваат да им припишат некое друго етничко потекло. Двајцата јасно и гласно рекле дека се Грци. Тоа е тоа“, тврди тој.
„Грчкиот народ покажа дека не се согласува со оние кои можеби мислат да ги продадат грчките национални интереси, за разлика од нас тие нема да дозволат тоа да се направи. Овој масовен протест, десетици илјади, а можеби и стотици илјади луѓе, е доказ за тоа. Анкетите покажуваат дека 75-85 проценти од Грците се против ваков договор што некои го подготвуваат. Навистина, една кражба на историјата, која треба да биде казнета и не треба да се согласуваме со неа“, објаснува авторот на памфлетот „Десетте лаги на македонизмот“.
Некогашниот соработник на безбедносните служби на комунистичка Бугарија се осврнува и на барањето од Македонска православна црква-Охридска архипеископија (МПЦ-ОА) до Бугарска православна црква (БПЦ) да ѝ биде црква-мајка.
„Со загриженост слушнав нешто денеска – бугарскиот патријарх Неофит кажал дека се договориле за сите основни прашања со македонската црква. Останува сега да изнесат детали што точно се договориле. Треба да разбереме што, бидејќи единствената опција е не да признаваме повторно една лага – непостоечка никогаш Охридска епископија како праобразец на македонската црква, туку дека Македонија била дел од бугарските црковни институции“, вели Димитров.
„Ако се договориле дека ќе признаеме македонска црква со основа во Бугарската автокефална архиепископија во Охрид, тоа ќе биде предавство на бугарските национални интереси. Се надевам дека нема да се направи такво нешто. Треба веднаш да побараме од Светиот Синод да ни објасни што точно се договориле со македонската црква“, завршува тој.