Младите македонски фудбалери водеа до 90. минута со 2-1 во мечот од второто коло во групата Б на ЕП ,во Бидгошч против селекцијата на Србија, но момент на деконцентрација при еден центаршут не чинеше триумф и моравме да се задоволиме со реми. Тоа ќе ни причинува задоволство заради првите голови, заради новата добра партија, но има и тага за пропуштеното.
Првото полувреме беше слабо обострано, а Србите поведоа со гол од офсајд на Гачиновиќ во 34. минута. Ние во тие 45 минути бевме смушени, прочитани и не фукциониравме како во квалификациите, па ако сакате и против Шпанија и покрај високиот пораз на стартот. Но затоа од почетокот на вториот дел бевме похрабри, подобро поставени, добро се браневме, а и игравме со топката. Таа променета концепција ни донесе изедначување по правилно досудениот пенал што во 64. минута го изведе Барди. Додека противникот беше во шок, ние продолживме во истиот стил, а наградата ни ја донесе Ѓорѓиев со преубав погодок од 20 метри во 83. минута.
Победата ја имавме в џеб, младите срби немаа решение, ние логично се повлековме и чекавме времето да истече. За несреќа еден скратен корнер заврши на втората статива на Алексовски. Не реагираше тој, халфовите се скрија, па Ѓурѓевиќ не казни немилосрдно. На крајот во Бидгошч во првиот дуел од вториот круг во групата Б од ЕП за фудбалери до 21 година, Македонија-Србија 2-2 што според статистиката е објективно, но според движењето на резултатот, не, и требаше да заврши со наша победа. Ние во моментов се уште имаме шанси за полуфинале, но какви ќе бидат тие пред петочниот дуел против Португалија ќе зависи и од натпреварот што вечерва во Гдиња ќе го одиграат Португалија и Шпанија.