Потпретседателот на СДСМ кој поднесе оставка по изборите, Фатмир Битиќи, на една недела пред Конгресот за нов лидер и раководство, не е сигурен дека изборната кампања се одвива најдобро.

„Сметам дека изборната кампања за претседател не се одвива на најдобар начин бидејќи не сите учесници во изборната кампања веруваат целосно во вредностите на СДСМ и иделогијата и забораваат дека ова не е лична битка. Ова е битка за партијата, за државотворна партија која покажала низ децении дека се грижи за сите“ вели Битиќи во интервју за Радио слободна Европа.

Тој не именуваше ниту еден од четирите кандидати.

„Мислам дека самите ќе проценат. Не многу, еден од четворицата. Луѓе кои претходно бојкотирале или воопшто не ги поддржувале партиските активности, а секогаш добивале од нејзе, не може да претендираат за претседателскиот врв“.

Битиќи вели дека, иако размислува да се кандидира за лидер на СДСМ, неговите проценки укажуваат дека првенствено на партијата и членовите не им треба дополнителна фрагментација и групирање.

„Доволно имаме кандидати за избор и сметав дека додадена вредност во овој момент можеби нема да ја видат.

Не сакав исто така да бидам и од стандардната мантра на размислување во нашето општество дека влегуваш во некаква изборна трка за да се договориш за нешто. Не!

Ако Фатмир Битиќи со сите негови различности и некогаш со различно мислење, му е потребен на СДСМ затоа што верува во вредностите тој ќе биде и дел од следното раководство, дел од следните органи на партијата.

Ако новиот претседател смета дека таков профил не е потребен, моите социјалдемократски вредности никој нема да може да ми го одзме“, вели Битиќи.