Лошото време во Грција, придружено со поројни дождови и силни ветрови, ноќеска ја зафати и Егејска Македонија, каде што пожарникарите добија над 230 јавувања со барања за испумпување на водата во Александрија, во областа Иматија, Катерини, Ениџе Вардар (Јаница според Грците) и Кукуш.
Рано утрово пожарникарите спасија двајца заробени во автомобил во селото Плака Литохоро близу Катерини. Затворени се стариот национален пат меѓу Солун и Воден во областа Постол (Пела), како и многу провинциски патни артерии меѓу Кукуш и Пиерија, каде што сообраќајот се одвива преку околни патишта.
Силните ветришта во текот на ноќта откорнаа 12 дрвја, претежно во источниот дел на Солун, кои не однесоа жртви, предизвикувајќи само материјална штета на неколку паркирани возила.
Во цела Грција досега поплавите однесоа 16 животи, 37 лица завршија во болница, а шестмина се водат за исчезнати. Премиерот Алексис Ципрас објави тридневна жалост за настраданите.
Врнежите се очекува да продолжат до крајот на неделава, а временската состојба ќе се стабилизира дури во почетокот на следната седмица, кога бурата ќе се помести кон западниот дел на Турција.