Бејли вели дека 150 македонски граѓани војуваа(т) за ИСИС

Откако Исламска држава ја изгуби својата последна голема база во Сирија, се закани дека ќе напаѓа во останатиот дел од светот.
Минатиот месец американски „Сентер Соуфан“, објави дека милитанти во последните две години се вратиле во 33 држави. Меѓу нив се земјите од Балканот за кои постојат податоци дека не останале имуни на враќањето на дел од вкупно 5.600 „борци“ на ИСИС.

Американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли, вчера побара да се разговара отворено бидејќи 150 македонски граѓани им се приклучиле на борците на ИСИС во Сирија и Ирак односно за тоа што се случува со оние коие се вратиле од таму.

На отворањето на регионалната вежба „Странски терористички борци: Промовирање превенција и отпор“, тој оцени дека Балканот останува високо ранлив и погоден од можна радикализација, како од насилство дома така и од терористички напади.

„Амбасадата на САД е ваш партнер и имаме силна соработка со органите“, пренесе Плусинфо.

Според Бејли, во борбата против тероризмот треба да се вклучат сите, односно Владата, граѓаните и компаниите.

„Не може само министерството за внатрешни работи да се бори против лошите момци, потребна е меѓусекторска соработка и во самата Влада, но можат да помогнат и граѓаните. Предноста на Македонија е во тоа што е мала земја и секој со секој се знае, па ако има некој непознат и сомнителен во вашето соседство многу брзо може да се предочи и открие, а борбата против тероризмот е токму борба против непознатото“.

Тој ја поздрави регионалната соработна против тероризмот меѓу Македонија, Албанија и Косово, особено по обидот за напад во Скадар лани во ноември.