Движењето Беса, кое на последните парламентарни избори освои пет пратенички места, денеска соопшти дека нема да биде дел од новиот владин состав. По одржаната средба на претседателството и централниот совет, претседателот Биљал Касами објави дека Беса не ги добиле гаранциите што ги барале и затоа ќе отстапат од првичниот договор да бидат дел од владата што ќе ја предводи Зоран Заев.
“Мандатарот за формирање влада не беше подготвен да ги прифати принципите за заедничко владеење со Беса и за истите да потпише заеднички договор” рече Касами.
Претходно од СДСМ преку соопштение информираа дека во преговорите со партијата Беса покрај тоа што се согласиле дека ја споделуваат определбата за итни реформи за демократски и европски развој на Македонија, за одреден дел прашања не постигнале договор.