Беровскиот женски манастир е најпознат е то тоа што тој е единствениот манастир во Македонија во кој се прават мозаици.
Во почетокот на 19 век Берово било селска населба со околу двесте куќи и само со една мала и дотраена црква. Затоа тогашните поугледни беровчани решиле да изградат нова црква на местото наречено Могила.
Парохискиот свештеник, поп Пецо, бил задолжен да обезбеди дозвола за градба од Уќуматот што се наоѓал во Радовиш. Валијата дал дозвола за градба, но под многу тешки, речиси неостварливи услови. Имено, црквата да биде изградена ниско под нивото на патот и да не се гледа, градењето да заврши за четириесет дена, а поп Пецо, најмалата своја ќерка, Султана, да ја даде во харемот. Условите не ги обесхрабриле беровчани во нивната намера.
Со голем труд и пожртвуваност на верниците црквата била изѕидана и покриена со камени плочи за четириесет дена. За да не биде забележлива, надворешниот ѕид бил премачкан со саѓи и со вар. Кога видел валијата дека црквата е изградена над земјата по истекувањето на рокот, многу се налутил, и наредил тројцата црковни настојници веднаш да бидат убиени пред црквата, а бидејќи Султана избегала во Ќустендил, поп Пецо бил затворен. Тој бил пуштен од затвор по три години, а неговата ќерка се вратила во Берово кога разбрала дека комитите го убиле валијата
Темелите на првиот женски манастир во Берово се подигнати дваесет години по изградбата на манастирската црква. Првите калуѓерки во манастирот биле снаата и ќерката на поп Ристо, зет на поп Пецо. Тие се замонашени со благослов на игуменот на Рилскиот манастир.
Во својот најголем подем, а тоа е во првата половина од 20 век, манастирот броел и до шеесет монахињи, со развиена богата економија, богословско училиште, ткајачница. Првата монофазна хидроцентрала во овој крај била манастирската.
Манастирот денес е еден од малкуте во земјата каде непрекинато се одвива монашки живот од своето градење.