По изненадувачки силниот отпор на Пари Сен Жермен во Париз на стартот од Лигата на шампионите, ракометарите на Еурофарм Пелистер во второто коло беа приземјени од Фуксе Берлин, кој славеше со 30:22 пред 3.500 гледачи во исполнетата сала „Боро Чурлевски“ во Битола.
Црната серија на македонскиот првак достигна 16 порази во ЛШ заедно со минатата сезона, а на 26 септември составот на Бранислав Ангеловски го очекува гостување кај Динамо Букурешт.
Триумфот и во третиот меѓусебен дуел германскиот вицешампион го најави уште во првото полувреме, добивајќи го со 15:9, а единствената придобивка за битолските „зелено-бели“ од овој меч се првите голови во ЛШ за 18-годишниот кружен напаѓач Самоил Ристeвски, кој три пати се запиша во листата на стрелците и изнуди еден седмерец.
Десното крило Богдан Радивоевиќ со 5 гола, од кои 3 од пенал, беше најефикасен кај пелистерци, за кои капитенот Филип Кузмановски застана на 4/10.