Поделбата по четири плати на професооналните членови на ДИК, кои примаат месечна плата според член 2 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на РМ и другите избрани и именувани лица во Републиката, немаат право на „дополнителен надоместок“ според член 19 од Изборен законик, поточно, не можат да си поделат дополнителни плати како некој вид „надоместок”!

Ова е само уште една од реакциите на познавачи на финансиските прашања, споделена на „Фејсбук“, а во врска со скандалознозната информација дека членовите на ДИК делеле плати и бонуси, па дури и за неодржаните избори во април минатата година.

Членовите на ДИК демонстрираа досега незабележано единство околу законитоста и правото да земат надомест за „непроспиените часови“ додека ја вршеле оваа должност кога, на барање на една партија и на дузина невладини организации, ловеа фантоми, иселени, раселени, пријавени на лажни адреси и така натаму лажни гласачи.

 

За таа улога членовите на ДИК, кои лани, на пример, го проширија делокругот на овластувања со славното испитување на извесната Фатиме од која зависеше изборниот резултат во една општина и на национално ниво, си одредувале надомест.

Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, ја отвори аферата за дополнителние плати на членовите на Државната изборна комисија (ДИК).

„Слушнав дека членови на ДИК си изгласале дополнителна плата за четири дополнителни месеци за нивната работа на октомвриските избори кои штотуку завршија. Тие претходно дополнително добиле плата и за пет месеци по изборите од 2016 година“.

Ниту еден од членовите на Државната изборна комисијата, вчера пред камерите не изјави дека чувствува одговорност поради делењето на големи бонуси, за кои сметаат дека биле законити и целосно оправдани, иако, на пример, само за изборите кои воопшто не се одржаа лани во април си поделиле по три плати.

Односно за 18 месеци земале 30 плати…

На апелот на американскиот амбасадор, Џес Бејли, од предавањето посветено на борбата против корупцијата, одржано на Факултетот за безбедност во Скопје, со кој практично ги „искара“ и по бурните раеакции во јавноста, членовите на ДИК одговорија со иронични изјави, правдајќи се дека не прекршиле никаков закон.

„Не ни требаат пари за свеќи и за пченица“ беше еден од одговорите на некои, исто така, недолични комемнтари на граѓаните на социјалните мрежи.

Грдо прозвуче и изјавата „Ќе ги вратам парите на кој било начин. Ќе ги донирам или ќе ги вратам во буџетот. Да им се најде на тие коишто ни посакаа нас да ни се најдат, па нека ги земат, можеби нив ќе им требаат за тоа“, на членот на ДИК, Виолета Дума.

 

Членовите на ДИК од јуни минатата година до крајот на оваа, се почестиле со 12 плати бонус за работата која ја извршувале.

Три плати надоместок земале за изборите во април 2016-та кои не се одржаа, пет бонуси за предвремените парламентарни избори и четири плати бонус за локалните избори. Овие последните, под притисок на јавноста денеска решија или да ги вратат во буџетот или да ги донираат.