Српската влада не ги премолче пораките од главниот претставник на САД на Балканот Хојт Ји кој што завчера остро ја критикуваше српската влада за својот однос кон Русија.
На изјавата на Хојт Ји со која тој од Белград бара да не седи на две столици односно да избере меѓу Вашингтон и Брисел од една страна или Москва од друга страна, реагираше вицепремиерот Александар Вулин.
За министерот за одбрана познат како суилен проруски елемент во српската влада коментарите на заменикот помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија е „најголем притисок против Србија досега“.
Според Вулин „изјавата не е дадена од пријател кој што ја почитува Србија и кој што го почитува нашето право да одлучуваме независно“ и таа за него е „многу недипломатска“, пишува радиото Глас на Америка.
За време на Српскиот економски самит во Белград Ји рече дека земјите кандидати за членство во ЕУ треба јасно да демонстрираат дека сакаат да станат членки а не да кокетираат меѓу различни страни.
Една од причините за ваквата изјава на висок американски претставник според српските медиуми е добивањето на бесплатни авиони МИГ – 29 од страна на Русија.
Кабинетот на српскиот претседател Вучиќ по средбата со Ји објави дека САД има перцепција според која Србија со една нога е на пат за ЕУ а со друга на пат кон унија со Русија. Според кабинетот на Вучиќ тој одговорил директно на забелешките на Ји откако внимателно ги слушнал неговите забелешки.