Бајден се извини за насилната асимилација на децата на американските Индијанци

Претседателот на САД „официјално“ се извини за малтретирањето на домородните американски деца кои повеќе од еден век биле сместувани во интернати во обид да ја избришат нивната култура, пренесе АП.

Тоа е „грев што ни ја валка душата“ изјави Бајден во историско извинување на дфомородните Индфијанци, чии деца повеќе од еден век државата ги земала од нивните семејства за да ги смести во интернати, каде биле малтретирани со цел присилна асимилација.

Целта на овие интернати беше да ја избришат културата, јазикот и идентитетот на Индијанците.

„Јас формално се извинувам, како претседател на Соединетите Држави, за она што го направивме“, рече Џо Бајден, од индијански резерват во Аризона, по едноминутниот мол во спомен на „изгубените луѓе и генерациите што живеат со оваа траума“.

Овие училишта постоеле помеѓу почетокот на 19 век и 70-тите години на 20 век. Според владиниот извештај, во овие објекти починале најмалку 973 деца.

„Децата пристигнувале во училиштата соблечени и им била отсекувана косата, за која тие (Индијанците)сметале дека е света. Имињата буквално им биле бришани, заменети со број или со англиско име“, наведе американскиот претседател.

Некои од нив биле „принудени на тешка работа, други беа посвоени без согласност на нивните биолошки родители, некои беа оставени даумрат и закопани во необележани гробови“, додаде тој во својот говор.

Од 19 век, над 150.000 деца биле принудени да посетуваат училишта финансирани од државата во рамките на програмата за асимилација.

Ова е „едно од најужасните поглавја во американската историја“, рече Џо Бајден. „Причинатата болка секогаш ќе биде значаен белег на срам и дамка на американската историја“.