Претседателот Џо Бајден вети дека ќе продолжи со својата кампања за реизбор , отфрлајќи ја вчера загриженоста на некои колеги демократи во Капитол Хил и донатори дека со неговата упорност може да ја изгубат Белата куќа и Конгресот на изборите во САД на 5 ноември, пренесе Ројтерс.

Бајден (81) рече дека сите кандидати кои се сомневаат во неговата способност треба да го предизвикаат на Демократската национална конвенција во август – напор што нема шанси за успех освен ако не им дозволи на делегатите што ги освои на прелиминарните избори оваа година да разгледаат други кандидати.

„Заклучокот е дека јас нема да одам никаде“, рече Бајден во телефонскиот разговор за MSNBC.

Иако обезбеди доволно делегати за да ја добие претседателската номинација, некои донатори и конгресмени го повикаа да се повлече и да дозволи потпретседателката Камала Харис или друг кандидат да ја продолжи трката против Доналд Трамп.

Сè поголем број демократски пратеници изразија загриженост дека неговиот низок рејтинг на јавноста, плус загриженоста за неговата возраст и способност, може да им наштети на изгледите на партијата да го задржи Сенатот, кој го контролираат со мнозинство од 51 спрема 49 и да го вратат Претставничкиот дом. каде републиканците имаат мнозинство 219-213.

Ако републиканците ја заземат Белата куќа и двата дома на Конгресот, Трамп ќе се соочи со малку ограничувања да изврши големи промени во политиката.