Поранешниот градоначалник на Тирана, во интервју за виенски Стандард, кажа дека постои специјална врска меѓу криминалот и политиката во Албанија.
„Во парламентот, во градоначалничките фотелји, на позициите раководители на јавните институции седат луѓе кои никогаш не биле во политиката. Она што им е заедничко е што сите седеле во европските затвори поради трговија со наркотици, жени, оружје, проституција и убиства. Околу 95 отсто од тие луѓе со криминално минато седат во парламентот, а 70 од градоначалниците се католици од северот на Албанија“, тврди Баша.
Тој го обвини албанскиот премиер Еди Рама дека го регрутирал „ѓубрето“ од северот за да го урне бастионот на демократите на северот од земјата.
„Минатата година целата земја беше претворена во плантажа на канабис“, истакнува Баша.
За Демократската партија да учествува на изборите, потребно е да се прекине врската меѓу нарко картелите, криминалот и власта.
„Преку таа дрога криминалците сега држат стотици милиони евра во своите раце, повеќе отколку што полицијата и војската имаат на располагање“, вели лидерот на албанската опозиција.
Тој тврди дека неговата партија сака да учествува на избори, но не гласање кое е однапред решено поради криминалот и трговијата со дрога.
„Нема да учествуваме на закажаните избори бидејќи Албанците поради криминалот и наркобосовите не се во можност слободно да гласаат“, истакна Баша.
Тој негираше дека му било понудено учество во „вистинска“ техничка влада, и додаде дека ставот на партијата е дека би учествувала само ако техничките министри успеат да се изборат за реформа на изборниот закон и борба против влијанието на нарко-картелите врз изборите.
На укажувањето на Стандард дека ЕУ и САД немаат разбирање за неговите ставови, Баша порача дека е важно тоа што тие го зборуваат, но дека е најважно што мислат Албанците, бидејќи тие „не јадат во Вашингтон или Брисел, туку во Албанија“.