Седум централно европски држави ја повикаа Европската Унија да го забрза влезот на Црна Гора и Србија затоа што неуспехот да го интегрира Балканот ќе претставува безбедносна закана за целиот регион.
Во извештајот на агенцијата Ројтерс се вели дека претставниците на Вишеградската група (Унгарија, Словачка, Полска и Чешка) како и Австрија, Словенија и Хрватска не ја споменале Македонија во земјите кои што први треба да дојдат до целта членство во ЕУ.
Претставниците на седумте земји се собраа вчера во Будимпешта за да разговараат за миграцијата, состојбата на Балканот и Украина.
„Ако не можеме да го забрзаме процесот на евроинтеграција на Западен Балкан ќе се соочиме со сериозни безбедносни предизвици во целиот централно европски регион“, изјавил министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто на состанокот кој побарал да се отворат преговори и за другите земји во регионот.
„Состојбата во Западниот Балкан е прилично опскурна, не е стабилна и ќе биде потребно да се обезбеди дијалог за да се засили стабилноста на регионот“ изјавил Карл Ерјавец, шефот на словенечката дипломатија.
Според агенцијата Ријтерс, Македонија и Босна се погодени од етнички поделби а заминувањето на Британија од ЕУ го засилил десничарскиот популизам во Европа. Намаленото присуство на ЕУ на Балканот дополнително е загрозено од сиромаштијата, корупцијата, етничките и политичките поделби што е шанса за Русија која сака да ги искористи историските врски со регионот, се вели во извештајот.