Ачковска: Делчев е и денес светилник на македонската борба! Целосно ѝ беше оддаден на Македонија како самостојна држава!

„Гоце Делчев (Ѓорѓи Николов Делчев) (23.1.1872/4 февруари, Кукуш – 21.4.1903/4 мај, с. Баница, Серско), е еден од највидните дејци, предводници и организатори на Македонската револуционерна организација, борец за чистотата на внатрешното македонско револуционерно дело, до крајот предаден на освојување автономија на Македонија, како чекор кон нејзина посебна држава.“ – објави историчарката Виолета Ачкоска на својот фејсбук-профил по повод 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Во објавата Ачкоска натаму пишува: Гоце Делчев е еден од четирите синови на Султана и Никола Делчеви, кои се посветиле на револуционерното дело. (Ѓорѓи-Гоце, Димитар-Мицо убиен на 4. 2. 1901, Милан убиен на 2. 6 1903, и Христо).

Неговите мисли се и денес светилникот на македонската борба:

1. „Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите”.

2. „Ќе удри утринската зора и за нас…”

3. „Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата – тоа е првиот услов за нашиот успех!”

4. „Внатрешната организација не се стреми само да им дава оружје на луѓето, ами и да го разбие нивниот ропски дух.”

5. „Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население.”

6. „Јас не сакам востание со луѓе, кои ќе ме напуштат при првиот неуспех; јас сакам револуција со граѓани, кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква ќе биде и нашата, поради жестоките политички услови; – или ќе водиме говеда на касапница“.

7. „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите”.

8. „Но тоа е патот за ослободувањето на народите од туѓо его. По него оделе Грците, Србите, Бугарите. По тој пат треба да одиме и ние, Македонците, за да се ослободиме од Турците”.

9. „Jас не познавам друг народ. кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа…”

10. „Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?”

Вечна слава на првоапостолот на македонската ослободителна борба!