Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска испрати писма до претседателот и до премиерот на Република Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, до претседателката и до премиерот на Република Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, до канцеларот на Германија Олаф Шолц, до претседателот на Франција Емануел Макрон, како и до државниот секретар на САД Ентони Блинкен.
Во овие писма, Ахмети ја изразува својата длабока загриженост за најновите политички и уставни случувања во Македонија, кои ги загрозуваат достигнувањата на Охридскиот договор и принципите на еднаквост и стабилност во мултиетничката држава.
Ахмети истакнува дека трите последни одлуки – плановите за укинување на Законот за употреба на јазиците, забраната за идентификација на етничката припадност во државните институции и формирањето на владејачко мнозинство без праведна застапеност на етничките заедници – претставуваат сериозни закани за мирот и стабилноста на земјата и на регионот во целина.
Тој повикува на заедничка акција на меѓународните лидери за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и правата на Албанците во Македонија.
Подолу е презентирано писмото испратено до Рама:
Почитуван г. Еди Рама,
Премиер на Република Албанија,
Со длабока загриженост Ви се обраќам денес за најновите политички и уставни случувања во Северна Македонија, кои ги загрозуваат историските достигнувања на Охридскиот договор и основните принципи на еднаквост и мир во нашата мултиетничка држава, особено за Албанците во Северна Македонија.
Вознемирувачките планови, најавени од самата Влада, дека Уставниот суд ќе ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, кои го утврдија албанскиот јазик како еднаков службен јазик според Амандманот 5 на Уставот, претставуваат сериозен удар врз Охридскиот договор, еднаквоста, меѓуетничката хармонија и стабилноста во земјата.
Понатаму, одлуката на Уставниот суд за забрана на идентификацијата на етничката припадност на граѓаните во државните институции го крши принципот на колективни права на етничките заедници и, со тоа, ги поништува основните механизми на балансер и принципот на Бадинтер, кои се во сржта на Охридскиот договор. Овие механизми се создадени за да ги гарантираат колективните права на етничките заедници според демографската реалност, обезбедувајќи основна заштита од било каква форма на доминација. Уставниот суд, со укинувањето на изјавувањето на етничката припадност, го крши самиот Устав, чии основни вредности вклучуваат праведна и соодветна застапеност, и нè враќа во состојбата пред Охридскиот мировен договор.
На крај, по последните избори, основниот принцип на Охридскиот договор, кој бара формирање на политичко мнозинство врз основа на праведната застапеност на етничките заедници, беше сериозно прекршен. Ова дејствие не се однесува само на Демократската унија за интеграција (ДУИ), туку го загрозува принципот на праведна застапеност, гарантиран со Амандманот 6 на Уставот на Северна Македонија, кој служи како заштитен механизам против доминацијата на мнозинството над малцинствата.
Овие три значајни удари врз темелите на Охридскиот договор претставуваат сериозна закана за мирот, стабилноста, меѓуетничката хармонија и мултиетничката демократија во Северна Македонија. Овие не се само внатрешни политички прашања, туку имаат сериозни импликации за регионот и неговата стабилност. Овие интервенции се закануваат да ги укинат клучните елементи на мирот и еднаквоста, враќајќи нè во условите кои беа причина за кризата и војната во 2001 година.
Во оваа критична фаза, Ве повикувам на заедничка и решителна акција за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и загарантираните права на Албанците. Вашата посветеност за подигање на меѓународната свест и ангажирање на релевантните институции за оваа уставна и политичка криза е неопходна.
Ви благодарам за Вашата континуирана посветеност на албанските прашања и стабилноста на регионот.
Со почит,
Али Ахмети
Претседател на Демократската унија за интеграција