Ахмети „не трча по политички функции, неговата мисија е ЕУ“ – Ќе го предложи Османи за претседател

„Лидерот на ДУИ Али Ахмети не ја соопшти ‘големата вест’, што ја најавуваа помпезно функционерите, структурите и милитантите на партијата. Наместо тоа, Ахмети се очекува неделава да соопшти дека најверојатно ќе го предложи шефот на дипломатијата Бујар Османи како кандидат за претседател. Тоа ќе треба да помине и низ партиските органи.“ – објави ТВ Алсат.

ТВ Алсат пишува: И покрај тоа што се пропагираше кандидатурата на Ахмети за претседател, високи функционери од ДУИ изјавија дека Ахмети нема да прифати таква задача затоа што „неговата мисија била ЕУ, а не трчање по политички функции“. Во моментов Бујар Османи останува како единствен можен претседателски кандидат од редовите на ДУИ. Негови противкандидати досега се Арбен Таравари од редовите на албанската опозиција и професорката Билјана Ванковска, која ја има поддршката од Левица.

ДУИ работи на создавањето на така наречен „албански европски фронт“. Ахмети неодамна оствари средби со Скендер Реџепи, лидер на Движењето Народ, со претседателот на Европската демократска партија, Аријанит Хоџа и со претседателот на ДПА Мендух Тачи. Сè уште не е конкретизиран можен договор со крилото на Зијадин Села во Алијансата за Албанците, кој на последниот конгрес, што самиот го свика, ја доби довербата од делегатите да биде претседател на партијата, и покрај тоа што законскиот лидер е Арбен Таравари.

За првпат во политичкиот плурализам во државава албанскиот политички блок, поради големиот број политички партии на сцената, успеа да се подели на опозициски блокови. Досега двата блока во ниту една изборна трка не беа заедно зад одреден кандидат или платформа, освен во одредени локални избори.