„Ја истакнав важноста да се зачува Охридскиот договор, кој е темел на мирот и стабилноста во нашата земја. Изразив загриженост, поради обидите за поткопување на овој договор преку укинување на заштитните механизми и поради загрозување на Законот за употреба на јазиците, слабеење на овластувањата на Јазичниот инспекторат, што е од суштинско значење за правилно спроведување на овој закон.“ – ова го рекол лидерот на ДУИ Али Ахмети на денешната средба со европратеникот Томас Вајц. Ова го објави ТВ Шења, пренесувајќи ја неговата објава на општествената мрежа.
Телевизијата ја пренесува објавата на Ахмети, кој натаму наведува: „Ја споделив и загриженоста за фрустрацијата на нашите граѓани, поради блокирањето на патот кон интеграцијата во Европската Унија. Овој застој влијае негативно врз довербата на граѓаните во институциите на земјата и нејзината европска иднина.
Во овој контекст го информирав Вајц за иницијативата на Демократската унија за интеграција за усвојување закон за ветинг, проверка на сите јавни функционери, кој е блокиран во парламентот повеќе од четири години. Оваа иницијатива има за цел да ги зајакне интегритетот и транспарентноста во нашите институции, зголемувајќи ја довербата на граѓаните во управувањето.“
„Го искажав и ставот дека само предвремените избори во октомври се решение за предизвиците низ кои минува државата. Вајц ја изрази својата поддршка за нашите напори и ја истакна важноста да продолжат реформите, за да напредуваме на патот кон европската интеграција. Оваа средба уште еднаш ја потврди нашата заедничка определба за градење подобра и поправедна иднина за сите граѓани на * Македонија.“