Ахмети и Муса Џафери тужат и не одат на суд

Лидерот на ДУИ Али Ахмети и неговиот сопартиец Муса Џафери денеска не се појавија на рочиштето против екс-разузнавачот Слободан Богоевски кого го тужат за клевета поради неговото сведоштво во судот во Њујорк за случајот „Маѓар Телеком“. Ахмети и Џафери денеска пред судот ги застапуваше адвокатка која пред судот дошла на барање на адвокатите на тужителите.

Таа по рочиштето  одби да каже за што се зборело во  Судот правдајќи се со потребата од тајност на информациите на клиентите која таа ги застапувала на барање на нивните адвокати.

За одбраната на Богоевски кој е екс шеф на македонската тајна служба а беше осуден и за малверзации со словенечки инвеститори, процесот против него е политички притисок врз судството. Одбраната бара секој што смета дека Богоевски клеветел да го тужи за давање лажна изјава пред американскиот суд.

Ахмети и Џафери од Богоевски бараат оштета од вкупно 90 илјади евра.

Со денешното испрашување на сведок и одложувањето на рочиштето за 4 јули паднаа во вода шпекулациите дека високите членови на ДУИ би можеле да ја повлечат тужбата поради новата владина коалиција со делови од која Богоевски беше близок во последниве години. Богоевски во својата политичка кариера беше член или близок со неколку различни партии.