Грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас денеска без многу задршка ги отфрли плановите на новата македонска влада за прием во НАТО со референцата ФИРОМ.
Новата иницијатива на премиерот Зоран Заев која беше промовирана во понеделникот во Брисел беше оценета како нереална од страна на Коѕиас на прес конференцијата по средбата со шефот на дипломатијата и македонската делегација во Атина.
Според Коѕиас Грција досега понудила многу решенија кои што биле отфрлени и затоа влезот на Македонија во ЕУ и во НАТО нема да биде можен со референцата туку само со нов договор во ОН за ново име.
На својот колега министерот Никола Димитров Коѕиас му најавил дека Грција ќе ја поддржи Македонија за членство во меѓународните организации, но условот и натаму е да се реши спорот за името на државата.
Коѕиас се обидел со изјавата за поддршка на територијалниот интегритет на Македонија и со ставот против санкции против нашата држава да даде позитивен тон на средбата но општиот впечаток што го остави е дека Грција воопшто не сака да разговара за било каков договор за членство во НАТО и ЕУ без взаемно прифатливо решение кое што ги содржи грчките црвени линии.
За нив денеска зборува екс амбасадорот Александрос Маљас кој како вовед во средбата најави дека од Скопје се очекува сложено име со географска одредница за употреба во сите инстанци. (читај тука интервју Маљас)
Коѕиас и Димитров денеска најавија серија нови мерки за градење доверба меѓу двата народа, при што Димитров порача дека ќе се најде начин како да се подобрат меѓусебните односи. Тој исто така дополни дека негова главна цел е подддршка од грчката влада и јавноста, за исправено да одиме кон ЕУ и НАТО.
„Јас сакам да ве убедам дека ние сме фокусирани на границите кои ги имаме и премногу чекаме во чекална во еден регион кој не е во идеална кондиција“, рече Димитров, нагласувајќи дека во овој регион, иако е потребно време да се сфати тоа, земјите напредуваат или назадуваат заедно.
„Бидејќи сме во нагорна линија потребна ни е помош, и мислам дека ова е добро и за вашата земја. Главната порака која сакам да ја испратам при посетата е дека барање поддршка од Грција да напредуваме на евроинтегративниот пат“, изјави Димитров.
„Грција сака да му помогне на нашиот сосед. Важно е да имаме пријателски односи со министерот Димитров. Со денешните дискусии нема да го решиме прашањето, меѓутоа градиме позитивна клима и имаме позитивна рамка за решавање на ова прашање. Не е доволно да имате добри намери, потребни се и напори за добро решение“, му одговори Коѕиас на својот Гостин.
За омекнување на јасните црвени линии на Атина не помогна ниту вчерашното интервју на Димитров за грчката телевизија Скај во кое тој рече дека сака да ја види Грција како најголем сојузник на Македонија. читај тука