Астеруд Ристова со решение за мега скандалот во кој стотици илјади граѓани нема да можат да гласаат на изборите

Откако вчера техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски преку дека околу 103 илјади граѓани во Македонија чии лични карти истекуваат до изборите на 24 Април и 8 Мај немаат нови пасоши нема да можат да гласаат, денеска доаѓа нова застрашувачка информација.

Стотици илјади луѓе во дијаспората кои немаат важечки лични документи нема да можат воопшто да се регистрираат за гласање на изборите со што им е оневозможено уставно загарантирано право.

Според пријавата за гласање во дипломатско – конзуларните претставништва за регистрација за гласање е потребен „БРОЈ НА ВАЖЕЧКА ПАТНА ИСПРАВА ИЛИ ЛИЧНА КАРТА НА РСМ„.

Сите што немаат важечка лична карта или пасош а такви се стотици илјади луѓе низ светот нема да можат ниту да се пријават ниту да гласаат за пратеници и претседател.

Завчера пратениците на СДСМ и ДУИ со 54 гласа против ги спречија предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се продолжи рокот на важност на пасошите со што е одземено правото на гласање на дијаспората на изборите.

Екс пратеничката на СДСМ професорката Каролина Астеруд Ристова нуди решение за овој проблем кој можел да биде решен одамна ако сакала власта на СДСМ и ДУИ.

Астеруд Ристова вели дека проблемот може да биде решен со гласање на амандман, преодна одредба во Изборниот законик со кој ќе се овозможи продолжување на важноста на личните документи барем за избори.

Власта на СДСМ и ДУИ тврди дека промените во овој правец ќе значи поништување на меѓународен договор со Грција но според последиците нивното однесување може да се објасни и со обид да спречи огромен број граѓани да гласа и со тоа да го намали поразот.

,,Ако е по право и правна логика, ако сакате, мора и може да ви се овозможи да гласате, како и претходно.
Гласачкото право е врзано и деривативно од државјанството, а и внатрешна работа на државата, во која влегуваат и амбасадите и конзулатите (екстериторијалност, во нив си на територија на државата по пат на правна фикција, тоа е општоприфатено во меѓународен правен сообраќај, секој го почитува, никој не ти се плетка во штипки).
Од аспект на документи, тоа ( државјанството/имањето право на глас) вообичаено се докажува со лична карта или со пасош, па потврди за државјанство, но тие имаат инструментално-логистичка процедурална функција, а не и да го поништат темелното и материјално право на глас, ако и кога тоа е неспорно т.е го имате државјанскиот статус.
Во оваа крајно неразбирлива каша-попара што ја направија, за внатрешни потреби, треба да прифатат докажување државјанство/право на глас и со “старите документи”, секако ако се во рамки на рокот на “важење” кој е наведен во самиот пасош/лична карта, секако “неистечен” на денот на гласањето. Обратното е негирање на темелно право и слобода, па уште заради катастрофално потфрлање на страна на самата држава.
Дополнително, целата работа за менување на пасошите е за во меѓународен правен сообраќај, поконкретно билатерален договор со Грција, а не и за “како по дома”, па уште во овој контекст.
Мора и треба да си донесат амандман /преодна одредба на изборниот законик, што поскоро, меѓу другото, да ве адресираат и вас “екстериторијалните”, објавува Астеруд Ристова одговарајќи и на Македонка од Италија што треба да се стори за да можат стотици илјади македонски граѓани да гласаат за претседател и парламент.