Асистент во БАН: За бугарската дипломатија ќе биде голема победа ако ги одвои Македонија и Албанија на патот кон ЕУ

Константин Голев, главен асистен во Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките (БАН), „навива“ за одвојување на Македонија и на Албанија на евроинтегративниот пат.

Според него, ќе биде голема победа за бугарската дипломатија доколку успее да ги раздвои Албанија и Македонија на европскиот пат, за да биде јасно дека Тирана ќе го продолжи својот пат без да биде заложник на проблемите кои очигледно ќе се влечат уште долго.

„Самите Македонци доволно добро објаснија со неприфаќањето на ‘францускиот предлог’. Пред изборите во РСМ имаше голем притисок од западните фактори за прифаќање на уставните измени. Во Скопје заминаа високи претставници на САД и на Брисел. Тие јасно кажаа што треба да се направи, но тоа не се случи. На големите земји не им се допаѓа ваквото однесување. Впрочем, се работи за покана. Ако сакате да ја прифатите, треба да исполните одредени услови“, изјави Голев за бугарската новинска агенција БГНЕС.

„Ако македонската политичка елита е искрена во желбата за членство во ЕУ, наскоро ќе мора да направи компромиси со измените на Уставот, бидејќи по избори се носат непријатни одлуки за гласачот да има време да ги заборави. Македонската политичка елита наивно смета дека тангото што можат да го играат со Бугарија ќе помине и со Европа од позиција на жртва – чекор напред и два чекори назад. ‘Гоце Делчев е Бугарин, но не баш’. Сепак, преговарачката рамка е многу тешко да се промени. Системот во ЕУ нема да дозволи земја-кандидат да прекрши колективна одлука“, додава тој.