Англија на пенали во полуфинале, иако Швајцарија поведе во 75. минута

Како и во осминафиналето со Словачка, кога од елиминација ја спаси Белингам во 90+5 минута, а Кејн погоди во првото продолжение, фудбалската репрезентација на Англија со многу среќа ја помина и Швајцарија на Европското првенство во Германија, овојпат на пенали, иако повторно се спасуваше во основниот дел.

Емболо ги доведе Швајцарците во водство во 75. минута, но пет минути подоцна Сака израмни и го одведе мечот во Диселдорф во дополнителни 2х15 минути, во кои не падна гол, а пенал-серијата ја реши одбранетиот удар од Пикфорд на Аканџи уште во првата серија, која заврши со 5:3 за Англичаните.

Кошмарот наречен изведување удари од белата точка, кој Гордиот Албион го чинеше елиминација на дури десет од 13 средби на големите натпреварувања претходно, овојпат се претвори во бајка за европскиот вицешампион, кој во полуфиналето ќе игра со подобриот од вечерашниот дуел меѓу Турција и Холандија.