Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, смета дека нема да има сериозна дестабилизација на државата, и покрај заканите од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека „ако некој го чепне албанскиот јазик, сите Албанци ќе се кренат“.



„Сериозна дестабилизација властите ќе спречат, односно институциите, бидејќи верувам дека имаат добри информации. Дел од тие информации, се разбира, и јас како раководител на групата за процена ги имам, ми се достапни. Значи, навреме ќе бидат пресретнати и прекинати таквите дејства што би воделе кон насилство. Моја лична проценка е бидејќи повеќе години работам на процесот на помирување помеѓу Македонците и Албанците. Кога вие би прашале еден обичен Албанец, не е многу загрижен нити за законот нити за Уставниот суд. Луѓето имаат проблем – се селат на големо и Албанци, и Македонци, така што не гледам некаква енергија за некаков сериозен конфликт ни приближно на она што било во 2001 година. Можеби ќе се оди на, би рекол, потврди протести заради политички цели, затоа што следната година е изборна. Во овој момент, за жал на ДУИ, единствена алатка којашто му останува е да игра со национализмот, бидејќи сега се во дефанзива. Тие се во опозиција, иако никој не веруваше во тоа, благодарејќи на умешната политика на тогашниот лидер на опозицијата и сегашен премиер Мицкоски“, изјави за ТВ Сител лидерот на Достоинство и поранешен полициски генерал ранет во борбите со ОНА во 2001 година.