Изјавата на грчкиот премиер Ципрас кој вчера од Солун ни порача дека без решено име не можеме да се надеваме на влез во НАТО е последниот сигнал дека планот на новата влада во Скопје за влез во алијансата со референцата од ОН е пропаднат.

Дури и ако Ципрас изјавата во Солун ја искористи за да се прикаже како голем патриот пред грчките гласачи кои што може да излезат на избори многу брзо, таа е јасна и недвосмислена. Дополнителен проблем за нас е тоа Ципрас ја кажа како заклучок и во име на другите двајца балкански лидери Борисов и Вучиќ кои што немаат ништо против грчките позиции.

Првиот конкретен сигнал дека планот со Фиром во НАТО е пропаднат дојде завчера по изјавата на грчкиот министер за надворешни работи Коѕиас кој на телевизијата Антена рече дека Димитров во Атина дошол неподготвен за разговор. Тоа во превод значи неподготвен да прифати Република Македонија да биде Северна или Горна а граѓаните Горномакедонци или Северномакедонци.

Уште еден знак дека македонската идеја која што не мина ни во Букурешт во 2008 на самитот на НАТО е сотрена во корен е тоа што изјавите на Коѕиас и Ципрас доаѓаат на два дена по телефонските разговори меѓу американскиот потпретседател Мајк Пенс со Ципрас и македонскиот премиер.

Една од варијатните на разговорот Пенс – Ципрас е дека Грција добила поддршка да ја блокира Македонија доколку не се согласиме со промена на името и идентитетот согласно грчките црвени линии.

Второто сценарио е дека Ципрас директно го одбил барањето да го спроведе планот на владата во Скопје за кој САД очигледно има симпатии затоа што со него ќе го затвори НАТО кругот во регионот, ќе го засили јужното крило на алијансата и комплетно ќе ја исфрли Русија од влијание на Балканот, освен во Србија.

Македонија сега мора сиот свој капацитет да го насочи на Европската Унија каде што има низа можности за напредок без да биде потребна грчка согласност особено во Европската комисија каде што Грција има за нијанса помалку можности да блокира ако се работи за технички мерки.

Дали македонската влада сега ќе бара нов ХЛАД или пристапен дијалог на високо ниво, дали ќе се обиде да добие „Бенчмаркови“ или извештајот на Прибе ќе се претвори во некаква конкретна рамка по која што ќе се приближиме до ЕУ е помалку важно, Важно е да евроинтаграцијата да не запре целосно поради грчкото вето а уште поважно е да се искористат сите фондови на ЕУ за спроведување реформи, дури да се бараат и екстра пари.

За разлика од НАТО каде што има само еден финален чекор кој што и недостасува на Македонија во ЕУ има стотици чекори и потези со кои што процесот можат да се одржува жив, пред од земјата да заминат и тие малкумина способни и квалитетни млади луѓе што останаа во неа.