Анализа: САД би можеле да загубат во воен судир со Русија или со Кина

Под одредени околности, САД би можеле да бидат поразени во евентуален судир со Русија во Европа или со Кина за Тајван, е заклучокот од анализата на американскиот тинк-тенк РАНД.

Според извештајот на 190 страници, изготвен од познатиот американски непрофитен тинк-тенк за глобална политика и насловен ‘Воените капацитети и сили на САД за опасен свет’, Русија и Кина толку напреднаа што под одредени услови би можеле да имаат воена предност над САД. Авторите на документот тврдат дека во моментов вооружените сили на САД се „недоволно обучени и подготвени“, особено во однос на компонентите на активната служба.

„Оценките во овој извештај ќе покажат дека американските сили, според веродостојни претпоставки, би можеле да ја изгубат следната војна во која би учествувале, и покрај тоа што Соединетите Држави во однос на трошењето ги надминуваат воените сили на Кина со сооднос 2,7:1 и на Русија со 6:1. Нацијата треба да стори повеќе од ова“, стои во документот.

Според аналитичарите, НАТО може да се соочи со одредени потешкотии ако Русија реши да тргне на балтичките држави.
„Накусо, заклучивме дека, како што е поставен во моментов, НАТО не може да ги брани балтичките држави од решителен руски напад беза предупредување“, се вели во документот.

„Во случајот со Кина, САД ќе имаат тешка задача да го одбранат на Тајван ако Пекинг реши повторно да ја преземе отцепената островска република. Покрај тоа, Кина ги проучи претходните американски воени кампањи за да развие сопствени стратегии врз оваа основа“, предупредува извештајот.