Анализа: Какви политики ќе води новата влада

Премиерот Зоран Заев на двочасовно новинарско соочување на македонската телевизија со претставници на уште девет други телевизии најави какви политики ќе води новата влада.  За некои од нив рече дека веќе се сигурни какви потези ќе повлечат, но за повеќето најави дека прво ќе се отвори дебата за да се слушнат различните мислења, пишува во својата анализа најстариот весник во земјава, Нова Македонија.
Во анализата се сублимирани сите правци во кои ќе се води македонската политика според тоа што го најави премиерот. Нова Македонија во својата анализа жали што во новинарското соочување со претставници од телевизиските куќи немало новинари од печатените медиуми.

ПОЛИТИКА

– Заев се надева дека политичката криза завршила, но вели дека треба да се почека за да се донесе таков конечен заклучок, иако сите партии упатиле охрабрувачки пораки во Собранието.
– Смета дека ако ДИК подготви кредибилен избирачки список и ако институциите си ги извршат своите работи, локалните избори имаат шанса да бидат успешни.
– Според премиерот, нема потреба од нови парламентарни избори бидејќи има парламентарно мнозинство.
– Заев бара од парламентот да работи независно и вели дека би бил среќен кога за дел одлуки би добиле гласови од опозицијата или кога мнозинството би им се спротивставило.
– Оградата од зградата на Владата ќе се отстрани.
– Нема да се урива „Скопје 2014“ за да не се трошат пари за тоа. На портата „Македонија“ ќе се постави бројчаник што ќе мери колку украдени пари се вратени.
– Владиниот „мерцедес“ од речиси 600 илјади евра ќе се користи само за странски делегации. Според Заев, каросеријата му била изгребана од мачки.
– Според Заев, имало разговори за да се амнестира врхушката на претходната власт, но нема договор за тоа.
– Најавува дека во првите две години ќе се спроведе попис, бидејќи треба година и пол за да се подготви. Со пописот нема да се загрозат правата што ги имаат граѓаните и етничките заедници, туку неговата главна цел ќе биде да се утврдат економските параметри.
– За сите одлуки вели дека треба да се води дебата за да се најдат најдобрите начини да се донесат.

ЕКОНОМИЈА

– Очекува до крајот на мандатот просечна плата да биде 30 илјади денари, а минималната 16 илјади. Тоа треба да се постигне, меѓу другото, со исплата на целите плати на сметка, наместо по половина на сметка и на рака.
– Останува на ставот дека треба да има прогресивен персонален данок за примања над 1.000 евра, за разликата од 1.000 евра нагоре. Тоа значи дека една плата од 1.200 евра ќе се оданочи со 10 отсто за 1.000 евра и со 18 отсто за преостанатите 200 евра.
– Се залага за привлекување странски инвестиции под рамноправни услови со домашните компании. Се надева на влез на „Гугл“, „Фејсбук“ и на други гиганти.
– Целосно ослободување од даноци за младите што ќе почнат сопствен бизнис, во првите три години.
– Јавниот долг е над 50 проценти од БДП, а според првичните непотврдени информации има скриен долг од една милијарда евра.
– Премиерот изјави дека е оптимист дека до 2020 година порастот на БДП ќе изнесува 5 отсто, со сериозни домашни и странски инвестиции.
– Најави дека мора да продолжат задолжувањата заради исплата на пензии и плати и за враќање кредити на кредитите. Но смета дека во Македонија 400 милиони евра се крадат, 350 милиони се трошат непродуктивно, па ако тоа се реши, ќе има помалку потреба од задолжувања, па во иднина би се земале кредити само за големи инфраструктурни проекти.
– ДДВ ќе остане 18 отсто и во еден дел ќе намали на 5 отсто.
– Данокот на добивка ќе се намалува за информатичките технологии, за да се привлечат големи компании од овој сектор.
– Апсолутно е против аранжман со ММФ што би значел воведување рестриктивни политики.

ПРАВОСУДСТВО

– Не откри конкретни имиња за тоа кој ќе биде нов јавен обвинител, но порача дека Владата сака да вклучи независни луѓе од фелата и да се избере човек што ќе може професионално да ја извршува оваа функција, наместо да работи по партиски директиви.
– Реформите во правосудството според Заев се неопходни зашто меѓународни извештаи потврдиле дека е уништена правната држава.
– Реизборот на судиите ќе се изврши со отворањето на поглавјата 23 и 24 со Европската Унија, макар на техничко ниво.
– Најавува независни истраги со меѓународни експерти за „Монструм“, „Сопот“, „Младенов“ и други случаи што се сметаат за сомнителни.

ИНФРАСТРУКТУРА

– Гасификацијата ќе продолжи, но со различен пристап од досегашната влада. Очекува европски пари за овој проект. Најавува дека до 2020 година 60 отсто од земјата може да биде покриена со гас, ако се привлечат грантови и кредити.
– Евтината тарифа за електричната енергија треба да се воведе до крајот на оваа година, по сите детални анализи.
– Двата автопата ќе продолжат да се градат, треба да се надмине застојот во изградбата на патот Охрид – Кичево.
– Ќе се градат болници, училишни згради, детски градинки и други објекти.
– За новиот Клинички центар вели дека не треба да се изгради на сегашното место, туку на посоодветна поширока локација, со соодветен паркинг и пристап.

МЕДИУМИ

– За МРТВ најави експертска поставеност наместо партиска. Најави дека ќе се обезбеди финансиска и уредувачка независност на јавниот сервис, и очекува тој да ја критикува Владата кога греши и да ја поддржува во добрите политики. Најави поголемо стимулирање на критичкото известување во медиумите.
– Укинувањето на радиодифузната такса нема да се спроведе на начин што би ја загрозило финансиската стабилност на МРТВ.
– Вети дека често ќе гостува со интервјуа и дека тоа го очекува и од другите членови на Владата.
– Ќе нема владини реклами како досега, освен владини огласи што ќе се емитуваат на МРТВ.

ОБРАЗОВАНИЕ

– Екстерното тестирање предизвикало трауми кај учениците и затоа морало да се укине.
– Владата ќе отвори дебата за укинување на Кембриџ во средното образование, бидејќи според премиерот, тој систем не може да се наметнува во подоцнежна фаза на образованието.
– Заев смета дека примерите од скандинавските земји се применливи во Македонија и најави дека Владата сака да преземе дел од нив, пред сѐ во врска со намалување на бројот на предметите и концентрација да се учи тоа што е потребно. Но вели дека треба да се слушнат стручните лица.

НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА

– Најави неутралност во врска со споровите меѓу Србија и Косово.
– Вети подобрување на односите со сите соседи, кои ги окарактеризира како нарушени. Најави дека нема да има повеќе провокации како поставување споменици и преименување објекти.
– Прашањето за името ќе се решава на транспарентен начин заедно со опозицијата, но целта ќе биде да се најде решение.
– Очекува Грција да се откаже од ветото за НАТО и за ЕУ, ако се создаде позитивна меѓусоседска атмосфера.
– Заев е категоричен дека не постои алтернатива за Македонија освен полноправно членство во НАТО и во ЕУ. Се залага за соработка со Русија во земјоделството, енергетиката и во други сектори, но без отстапување од стратегиската цел.

СОЦИЈАЛА

– Пензиите ќе растат во согласност со потрошувачката кошничка што ќе се утврдува преку Советот за пензионерската кошничка.
– Ќе се дебатира за зголемување на породилното отсуство, за да се соочат различните ставови.

КОЈ ГИ ЗАБОРАВИ ПЕЧАТЕНИТЕ МЕДИУМИ?
На дебатата во МРТВ присуствуваа претставници само од телевизиите, но не и од печатените медиуми. Не е позната причината поради која организаторот ги изоставил весниците, кои исто така имаат многу прашања за новиот премиер. Печатените медиуми според сите релевантни показатели имаат значаен удел во креирањето на јавното мислење, секаде во светот, вклучувајќи ја и нашата земја. Премиерот Заев најавува реформи во медиумската сфера, но засега нема конкретни најави што ќе значат тие реформи за печатените медиуми, кои во многу земји од Европа директно се помагаат за да се задржи медиумскиот плурализам, но истовремено и рамноправно го делат колачот од владините политики во делот од медиумите. Од друга страна, според голем број истражувања и покрај експанзијата на Интернет и ширењето информации по социјалните мрежи влијанието на весниците не се намали туку напротив е во постојан пораст. Ова особено се однесува на влијателните, аналитички, истражувачки, професионални медиуми со долга новинарска традиција.