Анализа: Заминувањето на Тилерсон и новата светска криза

    

“Трамп, Помпео, Источна Гута, двојниот руски шпион и ракети подготвени за одговор” е насловот на анализата на новинарот Драган Милосављевиќ за најновите тензии на релација Вашингтон – Москва – Лондон.

Критична промена во критичен момент

Доналд Трамп го отпушти Рекс Тилерсон од кабинетот и за нов државен секретар го постави досегашниот шеф на ЦИА Мајк Помпео. Во Ленгли пак, Помпео го наследи контроверзната Џина Хаспел но тоа е посебна приказна.

Местото на Тилерсон „висеше“ некое време, постојано доаѓаа јасни сигнали дека меѓу него и Трамп има сериозни несогласувања, но тиквата конечно пукна во исклучително сензитивен момент, додека САД отворено се закануваат со воена интервенција во Сирија а руската армија, нималку дипломатски, предупредува дека на тоа би можел да следи адекватен одговор.

Накратко, Сириската армија се наоѓа пред конечно ослободување на енклавата Источна Гута, која практично е предградие на Дамаск и еден од центрите на побуната против владата на Башар ал Асад, реон кој цели 6 години важеше за неосвоива тврдина на бунтовниците во срцето на државата.

На САД овој расплет на настаните не им оди во прилог бидејќи падот на источна Гута е уште еден во низата одлучни чекори за ставање крај на побуната против власта која за Вашингтон е нелегитимна, деструктивна, злосторничка и се што Белата куќа вообичаено набројува кога има намера некаде да ги заштитува насилно своите интереси.

Американската амбасадорка во ОН Ники Хејли најави дека САД немаат намера понатаму да чекаат дозвола од Светската организација и дека најверојатно ќе делуваат сами, што значи дека во секој момент може да следат ракетни напади врз силите лојални на Асад токму во моментот кога се наоѓаат пред една од најголемите победи во исцрпувачката војна на живот и смрт, од која зависат многу нешта не само на Блискиот исток туку и многу пошироко.

Разликата во однос на сите досегашни американски воени дејствија е во тоа што Русија, инаку најголем поддржувач на Владата во Дамаск и силата која реално го измени текот на нештата во сирискиот судир, на највисоко ниво објави дека во случај на напад ќе бидат загрозени животите на руските војници и цивилни лица во Сирија, а во таков случај, ова посебно треба да се нагласи, руската армија нема да се либи не само да ги собори ракетите или авионите кои би вршеле напади туку и местата,објекетите, инфраструктурата од каде што доаѓа таквиот напад.

Ова е директна провокација, порака до Пентагон дека мета на удар ќе бидат разни американски бази, носачи на авиони или кои било други сегменти на американската воена машинерија кои би го започнале ударот.

И ете во таков момент Трамп го менува прилично воздржаниот „проруски“ расположен Тилерсон, а на негово место го носи тврдиот милитарист Помпео кој има сосем поинакви погледи за тоа како треба да функционира светот во Пакс Американа, не само од оној на Тилерсон туку и од оној на Трамп лично.

На сето тоа, Британија, неверојатно остро и поставува ултиматум на Русија да одговори како тоа внела боен отров на британско тло и се обидела да ликвидира некаков двоен агент додека дремел под сонце на клупа во Салсбери заедно со неговата симпатична ќерка.

Ултиматум кој завршува со заканувачката порака на премиерката Тереза Меј дека во спротивно „Обединетото кралство ќе смета дека Русија извршила незаконита употреба на сила на територијата на Велика Британија“.

Во некои минати времиња ова би се толкувало како најава за објава на војна, иако во актулениот распоред на нештата, најреално би се завршило со нова тура санкции и евентуално англиско бојкотирање на Светското првенство во Фудбал кое се игра летоска во Русија.

Интересна сама по себе е благата, мирољубива реакција од Кремљ кој целиот настан се обидува да го напика во рубриката „глупости“ и „лош англиски хумор“ но фактите на теренот велат дека двете најмоќни земји во западниот свет, едната од нив најмоќна на планетата, истовремено влегуваат во клинч со најголемата по територија светска држава, а сите три заедно поседуваат доволно разорна моќ да ја вратат сината топка во првобитната состојба, онаа кога како гол камен се тркалала во бесмисла низ вселената.

Сето тоа во пресрет на претседателските избори во Русија каде Путин не може да не победи, на пар месеци пред Мундијалот, во услови на необјавена но мошне функционална Студена војна, со Европа разединета како никогаш во последните неколку децении, со Блискиот исток постојано на работ на амбисот и во период кога Кина, после долго долги години гледање само на сопствените работи, отворено ја покажува амбицијата да го заземе првото место во поредокот на моќта и влијанието.

Фејсбук пост на новинарот и аналитичар
Драган Милосављевиќ