Заедничката вежба на Американската армија во Европа и Армијата на Република Македонија во Криволак што ќе започне на 26 јули а ќе заврши на 8 август е дел од многу поголемата мултинационална вежба наречена „Сајбер Гардијан“, која што се одржува секоја година и претставува демонстрација на посветеноста на САД на нивните партнери и сојузници, објави американската амбасада во Скопје.
„Заедничката вежба на Американската армија во Европа и Армијата на Република Македонија во Криволак е дел од многу поголемата годишна мултинационална вежба наречена „Сајбер Гардијан“, предводена од Американската армија во Европа. На вежбата ќе учествуваат над 25 илјади војници од 30 сојузници и партнерски нации, вклучувајќи 70 претставници на АРМ. Ова е вежба што се одржува секоја година и традиционално ротираат Бугарија, Романија и Украина. Ова е долготрајна демонстрација на посветеноста на САД на нашите партнери и сојузници“, велат од Американската амбасада во Скопје.
АРМ во континуитет учествува на големата меѓународна вежба „Сајбер Гардијан“, која што се одржува од 2013 година.
На оваа вежба ќе учествуваат 90-ина припадници на АРМ од инженерискиот баталјон од составот на прва механизирана пешадиска бригада и околу 300 припадници на „2 Cavalry Regiment“ (2CR) на Армијата на САД во Европа. На вежбата ќе учествуваат и припадници од другите единици на АРМ за пружање на логистичка поддршка и воено полициско обезбедување, пишува на интернет страницата на АРМ, пренесува порталот мкд.мк.
Цел на вежбата е подобрување на интероперабилноста на АРМ со НАТО стандардите, зајакнување на постојното партнерство со САД како и демонстрација на можностите на вооружените сили на двете армии за помош и поддршка на цивилното општество.
Заминувањето на американските војници од Македонија се совпаѓа со одигрувањето на фудбалскиот Супер куп на УЕФА на кој во Скопје ќе се соочат Манчестер Јунајтед и Реал од Мадрид.