Амбасадорот Ѓорчев го поддржа Борисов за нуклеарката „Белене“

Македонскиот амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев, позитивно се изјасни за идејата на бугарскиот премиер Бојко Борисов за доизградбата на нуклеарката „Белене“ како заеднички балкански проект со европско финансирање.

„Идејата на Борисов за заедничко инвестирање во доизградбата на атомската централа ‘Белене’ ќе им овозможи на земјите од Западен Балкан, кои немаат доволно струја и ја увезуваат, да имаат со децении ‘сопствен’ извор на електрична енергија на територијата на блиска, пријателска и соседна земја како што е Бугарија, со која имаме Договор за пријателство и соработка, а веќе се подготвува и Договор за стратешко партнерство“, рече Ѓорчев на конференцијата „Стратегиска инфраструктура и инвестиции 2018 – кохезија и поврзаност“.

Македонија годишно троши над половина милијарда евра за увоз на струја, главно од Бугарија, нагласи тој.

Ѓорчев се заложи и за изградба на мултифункционалниот коридор 8, кој опфаќа не само патничка и железничка врска, туку и гасификација, а чиј дел што поминува низ Македонија, според него, бара инвестиции од речиси две милијарди евра.