Амбасада на САД ја нуди Калифорнија како урнек за аерозагадувањето

Американската амбасада во Скопје им се заблагодари на сите што одговорија на нејзиниот повик за доставување идеи за надминување на загадувањето на воздухот во Македонија, нудејќи го како пример начинот на кој Калифорнија се справи со таков проблем.

„Ви благодариме на сите што споделивте идеи со нас како да го направиме почист воздухот во Скопје и во Македонија! Почнувајќи од денеска, ќе репостираме некои написи за места во САД и во други земји за тоа како тие го решија прашањето на загадувањето на воздухот. Почнуваме со Калифорнија“, пишува во пораката на од Амбасада на САД на нејзината страница на „Твитер“

Написот што го нуди американското дипломатско претставништво во Скопје е од 2015 година и во него се вели дека Калифорнија со овој проблем почнала да се бори уште во 1959 година, кога стартува со мониторирање на квалитетот на воздухот и со известување на жителите во градовите низ сојузната држава. Прогласувањето на денови со црвен аларм, во кои се апелирало децата да не си играат на отворено и постарите лица да останат во своите домови, ја зголемило свеста кај граѓаните за големината на проблемот, па и тие почнале да вршат притисок за негово надминување. Од 1960-тите се заоструваат стандардите за емисијата на гасови што ги испуштаат возилата, се врши тестирање на емисиите, се воведуваат подобри уреди за спречување смог и горива за автомобилите. Во 21. век напредните технологии овозможија користење обновливи извори на енергија и „позелени“ начини на градба, а сето тоа се комбинира со даночни олеснувања за градење пријателски за околината комерцијални и резиденцијални објекти, за инсталирање сончеви колектори и за воведување хибридни и електрични возила во сообраќајот.

Сето тоа придонело од 1990 до 2010 година емисијата на штетни гасови во Калифорнија да се зголеми само за четири проценти, додека истовремено населението се зголемило за 30 отсто, а бруто домашниот производ пораснал за 54 отсто.

„Тоа ги поби сите аргументи што ги слушате од скептиците дека декарбонизацијата ќе ви ја уништи економијата. Калифорнија вели не. Економијата порасна за 100.000 работни места“, вели Верабхадран Раманатан од Центар за атмосферски науки при Институт за океанографија во рамките на Универзитет „Калифорнија“ од Сан Диего.