Алкалоид со АЕК во „Борис Трајковски“ во реваншот од финалето на Европскиот куп

Наместо во својата сала „Автокоманда“, ракометарите на Алкалоид ќе го пречекаат грчки АЕК во арената „Борис Трајковски“ во возвратниот натпревар од финалето на Европскиот куп на ЕХФ на 25 мај од 20:30 часот.

Капацитетот од 6.171 место за седење за ракометни средби е главната причина освојувачот на Купот на Македонија да го избере најголемиот затворен спортски објект во државата за мегданот со вицешампионот на Грција, петкратен првак на јужниот сосед и освојувач на Европскиот куп во 2021 година и финалист три години претходно.

Првиот дуел е закажан за 18 мај од 18 часот во Атина.