Воздухопловната база на НАТО во Германија, која се наоѓа на околу четири километри западно од градот Гејленкирхен, доцна во четвртокот го подигна своето безбедносно ниво поради „разузнавачките податоци што укажуваат на потенцијална закана“.
„Целиот персонал што не е суштински за мисијата е испратен дома како мерка на претпазливост“, се вели во објавата на X, порано Твитер, додавајќи дека безбедноста на персоналот има „највисок приоритет“.
НАТО прогласи второ највисоко ниво на тревога „Чарли“ во својата воздухопловна база во Северна Рајна-Вестфалија, потврди и ДПА.
Целиот несуштински персонал е испратен дома како мерка на претпазливост, изјави портпаролот на базата на воздухопловните сили.
Во жаргонот на НАТО, безбедносното ниво „Чарли“ значи дека се случил инцидент или дека има разузнавачки информации дека некоја форма на терористичка акција против Алијансата е многу веројатна.
„Ова не е причина за загриженост и е чисто превентивна мерка за да се осигураме дека можеме да продолжиме со нашите критични операции“, рече портпаролот на воздухопловната база. Запрашан за околностите кои довеле до издигнувањето, тој не даде повеќе детали.